Service NSW

Дознајте како да пристапите до владини услуги користејќи ја интернет-страницата Service NSW и апликацијата Service NSW.

Добре дојдовте на Service NSW

Service NSW ви овозможува да пристапувате до владините електронски услуги лесно и практично.

Можете да ја посетите интернет-страницата Service NSW на service.nsw.gov.au користејќи го веб-прегледувачот на компјутерот или на мобилните уреди.

Исто така, можете да ја преземете апликацијата Service NSW (Service NSW app) од официјалната продавница за апликации за вашиот мобилен телефон.

Интернет-страница на Service NSW

Што ви треба за да пристапите до Service NSW

За да пристапите до владините услуги користејќи ја интернет-страница или официјалната апликација, ќе треба да дадете доказ за идентитет. Ова вклучува:

  • документ за лична идентификација со слика, како што е возачката дозвола на NSW или важечки австралиски пасош
  • друг вид на документ за лична идентификација, како што е вашата картичка Medicare.

Кога ги давате овие податоци на интернет-страницата или во апликацијата, ќе добиете сметка со корисничко име и лозинка што потоа можете да ги користите за да се најавувате брзо.

Ако ја користите официјалната апликација, можете да се најавите со лозинка, отпечаток од прст или отпечаток од лице (FaceID), во зависност од мобилниот телефон што го користите.

Интернет-страницата service.nsw.gov.au ги содржи сите услуги до кои можете да пристапите електронски, како и информации и водичи. Најдобро е да ја користите со компјутер.

Апликацијата Service NSW овозможува брз пристап до некои услуги и се употребува за најавување во локации со скенирање на QR-код. Може да ја прикаже вашата потврда за вакцинација, а се додаваат и други опции за идентификација.

Можете да ја повикате Service NSW во секое време

Ако не можете да го најдете она што ви треба на интернет-страницата или на апликацијата на Service NSW, можете да повикате претставник кој ќе ви помогне.

Бројот на Service NSW е 13 77 88.

Вашата сметка на MyServiceNSW

Кога ја посетувате првпат service.nsw.gov.au, можете да кликнете на врската Сметка на MyServiceNSW (MyServiceNSW Account) што се наоѓа во горниот десен агол на почетната страница. Тогаш ќе добиете опција да создадете сметка.

Запомнете, за да ја создадете оваа сметка ќе ви треба некаков вид документ за лична идентификација со слика, како што е возачката дозвола издадена од NSW, а вториот облик на документ за лична идентификација е картичката Medicare.

Кога ја создавате вашата сметка, можете да изберете силна лозинка за да ја заштитите. Бидете сигурни дека не користите лозинка што ја употребувате за друга услуга или сметка.

Што можете да правите на почетната страница на MyServiceNSW

Кога ќе се најавите на вашата сметка на MyServiceNSW ќе ја видите почетната страница. Постојат неколку важни нешта што можете да ги правите брзо и лесно преку почетната страница на MyServiceNSW:

  • да ја обновите регистрацијата на вашето возило
  • да го проверите датумот на истекување на возачката дозвола на NSW
  • да додадете други дозволи на почетната страница, како што се дозволи за возење чамец или риболов
  • да барате нови програми за попусти, како попуст за гас
  • да се пријавувате за купони за попуст, како што се купоните за Dine & Discover NSW.

Како да проверувате пораки од Service NSW

Кликнете на врската Известувања (Notifications) што се наоѓа во горниот дел на почетната страница на MyServiceNSW за да го видите списокот со неодамнешни известувања. Пораките што не сте ги прочитале ќе бидат со задебелени букви. Пораките може да вклучуваат:

  • соопштенија за нови правила за јавно здравје
  • нови купони за попусти за кои можете да се пријавите
  • потсетници дека регистрацијата на вашето возило истекува наскоро.

Купоните се примаат како PDF-прилози во известувањата на MyServiceNSW.

Некои услуги ќе ве пренасочат на други интернет-страници

Понекогаш, кога кликнувате на некоја услуга, ќе бидете пренасочени на друга владина интернет-страница.

На пример, ако сакате да платите некој данок на имот, ќе бидете пренасочени на интернет-страницата на revenue.nsw.gov.au.

Service NSW секогаш ќе ве предупредува дека ќе бидете пренасочени на друга интернет-страница. Кога се врши пренасочување на друга интернет-страница, таа обично се отвора во истата картичка на прегледувачот. За да се вратите на service.nsw.gov.au, можете да кликнете на копчето Назад (Back button) што се наоѓа во горниот дел на прегледувачот, или да ја напишете адресата.

Основни услуги до кои можете да пристапите преку Service NSW

За да пристапите до некоја услуга, кликнете на Прегледај услуги (Browse services) што се наоѓа во горниот дел на страницата, а потоа изберете категорија од мрежата со услуги. Некои примери за услуги до кои можете да пристапите вклучуваат:

  • раѓања, врски и смртни случаи
  • возење и транспорт
  • здравје и грижа
  • домување и имот
  • правни и полициски услуги
  • олеснувања, попусти и помош

Што да правите ако се загубите

Ако не сте сигурни каде се наоѓате во локацијата на Service NSW:

  • кликнете на цвеќето Телопеа, државниот симбол на NSW (NSW government waratah symbol) што се наоѓа во горниот лев дел на страницата за да се вратите на почетната страница на Service NSW.
  • кликнете на врската Сметка на MyServiceNSW (MyServiceNSW Account) за да се вратите на почетната страница на вашата сметка.

Интернет страница на Seniors Card NSW

Пристап до некои заштеди и попусти можете да добиете преку интернет-страницата seniorscard.nsw.gov.au. Оваа локација исто така има и многу добри информации за специјални понуди, попусти и олеснувања за патувања.

Сметач на животни трошоци

Наоѓачот на заштеди (Savings Finder) на Service NSW вклучува и електронски сметач што ќе пресмета колку трошите и ќе ви предложи начини да заштедите пари. Вклучува врски до попусти, купони и други.

Безбедно е да снесете информации во електронските сметачи на Service NSW, бидејќи овие информации не се зачувуваат или поставуваат на интернет.

Како да најдете цени на гориво на FuelCheck

Можете да ја посетите FuelCheck, алатката за следење на цените на гориво на NSW, на fuelcheck.nsw.gov.au. Тука можете да ги пребарате најдобрите цени на гориво во вашата локална област во реално време.

Ако го загубите паричникот

Губењето на паричникот е голем проблем! Service NSW нуди еден корисен водич за да обезбеди дека губењето нема да се претвори во катастрофа. За да го најдете водичот:

  • во лентата за пребарување што се наоѓа на почетната страница на Service NSW напишете Го загубив паричникот (Losing your wallet)
  • ќе се отвори една страница на која ќе најдете список со нешта што можете да ги направите, ако за жал го загубите паричникот.

Како да најдете загубени пари

Ова е еден специјален водич што можете да го најдете во најдолниот дел на страницата Олеснувања, попусти и помош (Concessions, rebates and assistance). Водичот Како да најдете загубени пари (Finding lost money) ви дава еден список за проверка што треба да го разгледате и вклучува како да проверите за загубени придонеси за старосна пензија.

Исто така, можете да побарате загубени или непобарани пари на интернет-страницата MoneySmart на Австралиската комисија за хартии од вредност и инвестиции (ASIC) на адресата moneysmart.gov.au. Интернет-страницата MoneySmart исто така објаснува како да ја користите my.gov.au и ATO за да побарате загубени придонеси за старосна пензија.

Како да ги користите водичите

Водичите (Guides) ви помагаат најпрво да разберете кои услуги ви требаат. На пример, Водичот за планирање пензија (Planning for retirement guide) има детален список со сето она што треба да се земете предвид кога планирате да се пензионирате.

За да најдете некој водич, побарајте го делот Популарни водичи (Popular guides) што се наоѓа на почетната страница на Service NSW. Исто така, можете да напишете Водичи (Guides) во лентата за пребарување во горниот десен агол на почетната страница на Service NSW.

Други сметачи

Интернет-страницата на Service NSW има голем број електронски сметачи што можат да ви помогнат да пресметате колку данок треба да платите, па дури и колку килоџули јадете секојдневно!

За да ги видите сите сметачи заедно, напишете Сметачи (Calculators) во полето за пребарување во горниот десен агол на почетната страница на Service NSW.